Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментирајќи ја изјавата на австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер дека земјата е подготвена за дебата за приклучување кон НАТО, нагласи дека Виена има трајна обврска да одржува „вечна неутралност“.
„Прво, модерната Република Австрија не наследи статус на неутралност од поранешната Австро-Унгарија, а уште помалку од нацистичка Германија по Аншлусот во 1938 година“, нагласи Захарова, според РИА Новости.
Како што изјави таа, клучниот меѓународен правен документ за повоеното стекнување на суверенитетот на Австрија беше Државниот договор за обновување на независна и демократска Австрија, потпишан од Советскиот Сојуз, Велика Британија, САД и Франција на 15 мај 1955 година.
„На тој документ му претходеше Московскиот меморандум потпишан во април истата година, со кој се обезбеди обврската на Австрија да одржува вечна неутралност“, вели Захарова.
Точката за „вечна неутралност“ беше запишана во меморандумот, истакна таа.
„Со вакви изјави, австриската министерка за надворешни работи го навредува населението на сопствената земја, чие огромно мнозинство граѓани, повеќе од 70 проценти, го поддржуваат зачувувањето на неутралниот статус“, заклучи Захарова.
Австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер во интервју за германскиот весник „Ди Велт“ изјави дека „само неутралноста повеќе не е доволна гаранција за безбедноста во светот што се менува побрзо“.
Таа ги истакна „агресивната политика на Русија“, како и растечката глобална нестабилност како главни безбедносни предизвици.
„Инвестирањето во одбраната и зајакнувањето на меѓународните партнерства можат да ја гарантираат заштитата на австриските граѓани. Ова ја вклучува и можноста за членство во НАТО“, рече шефицата на австриската дипломатија.
Иако Мајнл-Рајзингер нагласи дека во моментов нема доволен парламентарен или јавен консензус за таков потег, таа верува дека отворената и разумна дискусија би можела да биде продуктивна и неопходна во светлината на новите безбедносни реалности.