Претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Си Џинпинг официјално го пуштија во употреба еден од најдолгите гасоводи во светот, „Силата на Сибир“, преку кој природен гас од Русија ќе биде доставен до Кина.

– Отворањето на гасоводот „Силата на Сибир“ ја подига руско-кинеската енергетска соработка на ново ниво, рече Путин.

– Овој чекор ја подигнува руско-кинеската стратешка енергетска соработка на квалитативно ново ниво и не приближува до задачата што ја поставивме со кинескиот претседател Си Џинпинг да постигнеме билатерална трговија до 200 милијарди американски долари до 2024 година, рече Путин на церемонијата на отворање.

Кинескиот претседател истакна дека првото нешто што треба да се стори е да се обезбеди сигурност на гасоводот, а потоа грижа за животната средина.

– Важно е да се посвети посебно внимание на заштитата на животната средина, да се води сметка за експлоатација на ресурсите во интерес на зелениот, еколошки, енергетски ефикасен и ниско-карбонатен развој, рече Џинпинг.

„Силата на Сибир“ е проект на рускиот „Гаспром“ и кинеската Национална нафтена компанија, а низ гасоводот од 4.000 километри ќе може да се пренесат до 61 милијарди кубни метри природен гас годишно, вклучувајќи 38 милијарди за извоз во Кина.

Договорот е склучен на 30 години, со вкупна вредност од околу 400 милијарди американски долари. Изградбата на гасоводот траеше повеќе од пет години.