Полициски службеници извршија масовно апсење на Серускиот форум на општински пратеници „Општинска Русија“, организиран од „Отворена Русија“, објавија руските медиуми.
Според полицијата, настанот се одржувал незаконски „поради активности на непожелна организација“.
Безбедносните сили влегле во конференциската сала каде се одржувал форумот, прекинувајќи го говорот на поранешниот градоначалник на Екатеринбург, Евгениј Роизман. Полицијата побарала од учесниците веднаш да си заминат, во спротивно „сите ќе бидат приведени“ и врз нив може да биде употребена сила.
Неколку минути подоцна биле приведени директорот на „Отворена Русија“, Алексеј Пивоваров и лидерот на областа Красноселски, Илја Јашин, лидерот на опозицијата Владимир Кара-Мурза јуниор, заменик-градоначалничката на округот Тимирјазев, Јулија Галјамина, а подоцна и сите други учесници на форумот. Полицијата потоа ги блокирала излезите од салата, ослободувајќи ги само медиумските работници кои имале прес-карти.
Според очевидци, повеќе од 40 полицајци ги одвеле притворените со полициски автомобили. Вкупно 150 учесници биле присутни во салата каде што се одржа форумот. При првите апсења, луѓето почнале да извикуваат „Срамота!“
Еден од пратениците бил изнесен грубо затоа што се спротивставил.
Полицијата приведе и неколку новинари кои немале легитимација.
Кара-Мурза и Пивоваров пред новинарите изјавија дека прекинот на настанот е незаконски и не се разјаснети причините за апсењето.
За некои притворени се наведува дека ќе бидат казнети и поради неносење средства за лична заштита.
Федералниот форум на независни општински пратеници „Општинска Русија“ требаше да се одржи денеска и утре во хотелот „Измаилово“. Програмата на форумот вклучува предавања од опозициски политичари за изборите и работата на општинските пратеници.