Уапсен е украински агент, кој се обидел да разнесе брод на Црноморската флота, соопшти руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).
Како што се наведува, тој бил фатен со две рачно изработени експлозивни направи.
„Спречен е обид на специјалните служби на Украина да извршат терористички акт на еден од бродовите на Црноморската флота, кој носел високопрецизно ракетно оружје“, се наведува во соопштението.
Се посочува дека лицето е припадник на руската морнарица, кој наводно бил регрутиран од украинската разузнавачка служба и осомничен дека на украинската страна ѝ пренел информации, кои се државна тајна.
Донесена е одлука за поведување кривична постапка против осомничениот за терористички акт, нелегална трговија со распрскувачки материи, како и за оддавање информации што претставуваат државна тајна, се наведува во соопштението.