Руски бизнисмен кој бил поврзан со безбедносните служби е последниот во низата личности од висок профил во земјата што беа пронајдени мртви под неразјаснети околности, пренесуваат медиумите во светот. 40-годишниот Антон Андреевич Черепеников бил шеф на најголемата руска ИТ компанија, „ИЦС Холдинг“, и бил пронајден мртов во неговата канцеларија во Москва, според локалните извештаи.
Според руските медиуми, прелиминарната причина за смртта е срцев удар, но неговиот пријател Василиј Полонски изјавил дека не верува во официјалните извештаи за неговата смрт, објави независниот руски медиум „База“.
„Точната причина за смртта на претприемачот ќе се утврди подоцна“, објавија медиумите. „Тајмс“ пишува дека официјалната причина за смртта е предозирање со медицински гас.
„ИЦС Холдинг“ го користела руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) за следење на активностите на граѓаните на интернет, пишува независниот руски весник „Новаја Газета“. Тие објавија дека компанијата добила работа да врши надзор над граѓаните по законот воведен во 2018 година, со кој се заостри надзорот на руските безбедносни служби над нејзините граѓани.
Овој закон им овозможува на телекомуникациските оператори да ги чуваат аудио снимките од сите повици и СМС во период од шест месеци, а интернет сообраќајот еден месец. „ИЦС Холдинг“ се најде на листата на компании под меѓународни санкции по руската инвазија на Украина.
Черепеников беше долгогодишен партнер на олигархот Алишер Усманов, кој исто така беше еден од санкционираните, поради неговите врски со рускиот претседател Владимир Путин. Черепеников бил член на управниот одбор на „УСМ“, моќна руска деловна групација, како и на мобилните оператори „Мегафон“ и „УСМ Телеком“, кои Усманов ги контролира, објави „Новаја Газета“.
Покрај Черепеников, викендов беше пронајден мртов уште еден руски милијардер, но се верува дека тој починал од природна смрт. Игор Кудрјаков, поранешен владин функционер и богат бизнисмен, е пронајден мртов во неговиот стан во Москва. Според извештаите, на Кудрјаков му бил дијагностициран рак, а болеста наводно преминала во терминална фаза.
Черепеников е последниот во низата руски олигарси пронајдени мртви под неразјаснети околности по инвазијата на Украина, стои во написите.