Предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот во Украина е отфрлен од САД по контактите меѓу посредниците, изјавија руски извори за „Ројтерс“.
Американски извори велат дека немало официјален контакт и дека Вашингтон немало да се вклучи во разговори во кои не е вклучена Украина.
Во 2023 година, Путин испратил сигнали до Вашингтон преку посредници, вклучително и арапските партнери на Блискиот исток, дека е подготвен да размисли за прекин на огнот во Украина, велат руските извори.
Путин предложил замрзнување на конфликтот на сегашните линии на фронтот и не сакал да отстапи која било украинска територија под руска контрола, но Кремљ го сметало тоа како најдобар пат кон некаков вид на мир.
„Контактите со Американците не вродија со плод“, изјави висок анонимен руски извор запознаен со разговорите кон крајот на 2023 и почетокот на 2024 година.
Друг руски извор изјави дека Американците преку посредник и рекле на Москва дека нема да разговараат за евентуален прекин на огнот без учество на Украина и со тоа контактите завршиле неуспешно.
Трет извор запознаен со дискусиите рече: „Сè се распадна со Американците“. Изворот тврди дека Американците не сакале да вршат притисок врз Украина.
Медиумите претходно не известуваа за обемот на тие преговори и нивниот неуспех.
Написите за нив доаѓаат во време кога американскиот претседател Џо Бајден со месеци се обидува преку Конгресот да испрати дополнителна помош за Украина, но се соочува со противење од сојузниците на републиканскиот противник на ноемвриските избори, Доналд Трамп. Денес Сенатот одобри помош од 61 милијарда долари, но законот сепак треба да помине низ Долниот дом на Конгресот во кој доминираат републиканците.
Анонимен американски претставник изјави за Ројтерс дека САД не водат никакви тајни преговори со Русија и дека Вашингтон е доследен да не работи зад грбот на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека никогаш нема да прифати руска контрола врз кој било дел од украинската територија.
Кремљ, Белата куќа, Стејт департментот на САД и Централната разузнавачка агенција (ЦИА) одбија да ги коментираат овие наводи.