Русија денеска протера 15 холандски и неодреден број белгиски дипломати, прогласувајќи ги „персона нон грата“, јави турската агенција Анадолија.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за 14 вработени во холандската амбасада во Москва и еден вработен во холандскиот конзулат во Санкт Петербург. Дипломатите имаат рок од два дена да ја напуштат Русија.
„Овој чекор е преземен како одговор на протерувањето од 29 март на 18 вработени во руската амбасада во Хаг, руската трговска мисија во Амстердам и руската мисија во Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) соопшти Министерството.
Во соопштението се додава дека Холандија не може да ги злоупотребува своите права и привилегии како земја домаќин на OPCW и дека Хаг мора строго да се придржува до Договорот од 1997 година за седиштето на OPCW.
Во посебно соопштение Министерството соопшти дека го повикале белгискиот амбасадор Марк Микилсен и го информирале за протерувањето белгиски дипломати од Москва, кои мора да заминат до 4 мај.
Холандија и Белгија протераа руски дипломати поради наводна шпионажа, откако односите меѓу Русија и Европската унија дополнително се влошија поради руската војна против Украина што започна на 24 февруари.