Пристигнувањето на руски патнички авион во Венецуела во момент на антивладини протести, дава повод за обвиненија од опозицијата дека администрацијата на претседателот Николас Мадуро се обидува да изнесе од државата преостанатите златни резерви.
Авион на руската компанија Нордвинд Ерлајнс пристигна ноќта во понеделникот и од денеска може да се види на аеродромот Маикетиа крај главниот град на Венецуела, Каракас.
Опозицискиот пратеник Хосе Гуера изјави дека извори од централната банка го информирале дека авионот е земен под наем за да префрли 20 метрични тони злато што се околу 15 отсто од резервите што се држат во Каракас. Владата на Мадуро не даде коментар.