Воените вежби Запад нема да се одржат оваа година, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
-„Не“, накратко одговори Шојгу на прашање на новинарите во Сочи дали воените вежби „Запад“ ќе се одржат годинава.
Оваа година имаме „научници“ во Украина, додаде тој, цитиран од ТАСС, пренесе БТА.
Русија последен пат ја одржа вежбата „Запад“ со својот сојузник Белорусија во септември 2021 година, пет месеци пред руската инвазија на Украина. Тогаш Москва соопшти дека во вежбите учествувале 200 илјади воен персонал.
Минатата недела, британското воено разузнавање на својот дневен брифинг соопшти дека верува оти Русија нема да ја одржи вежбата „Запад“ оваа година, бидејќи нема доволно војници и опрема за неа, а во исто време води војна во Украина во 19-тиот месец.
Шојгу денеска изјави и дека Русија и Северна Кореја разговараат за можноста за одржување заеднички воени вежби.
-За ова разговараме со сите, вклучително и со Северна Кореја. Зошто да не? Тие се наши соседи, рече министерот.
Тој потсети дека Русија и Кина спроведуваат не само вежби, туку и заеднички патроли со стратешки бомбардери и заеднички патроли со поморски ракетни носачи, а тоа се случува два или три пати годишно.
Шојгу денеска во Сочи имаше билатерална средба и со неговиот турски колега Јасар Ѓулер, додека претседателите на двете земји Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган разговараа на високо ниво.