Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу извршил инспекција на руските војници кои учествуваат во „специјалната воена операција“ на Русија во Украина.
Во соопштението на руското Министерство за одбрана на Телеграм се вели дека Шојгу се сретнал со воениот персонал на линијата на фронтот и на командното место, но не е јасно кога била посетата и дали Шојгу ја посетил самата Украина.
На видеото објавено заедно со соопштението на министерството, се гледа Шојгу во воен хеликоптер и две снимки од празни парцели, направени од воздух.
Веста дојде еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин одржа состанок со високи руски воени претставници, вклучително и Шојгу, за да ги слушне нивните ставови за тоа како треба да продолжи воената кампања во Украина.