Статуата на малата сирена, заштитен знак на данската престолнина Копенхаген, беше вандализирана ноќеска со сликање на руското знаме на пиедесталот.

Непознат сторител нацртал руско знаме на каменот на кој што стои статуа посветена на бајката на Ханс Кристијан Андерсен во пристаништето во Копенхаген.

Данската полиција објави дека отворила истрага за сквернавењето на споменикот, со кој сторителот очигледно сакал да ја поддржи Русија во моментот на нејзината агресија врз Украина. Неколку вчудоневидени туристи утрово ја снимале вандализираната скулптура.

Бронзената статуа е поставена во 1913 година на релативно изолирано шеталиште и е редовна цел на различни протестни акции. Така, во 1964 година, Малата сирена ја изгубила главата за прв пат и нејзината оригинална глава никогаш не била пронајдена.

Во 1998 година, вандалите повторно ја обезглавија сирената, а во 2003 година беше цел на експлозија.

Вандалите ја обоија сирената со различни бои за да го изразат своето несогласување, на пример со ловот на китови, а во 2020 година на скулптурата се појави мистериозниот натпис „расистичка риба“.