Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес ги повика 32-те земји-членки на блокот да одвојат повеќе средства, опрема и политичка енергија за најголемиот воен сојуз, во време кога Соединетите Американски Држави се повлекуваат од својата водечка безбедносна улога во Европа.
„Во 2025 година, мора значително да ги зголемиме нашите напори за да обезбедиме НАТО да остане клучен извор на воена корист за сите наши земји. Нашата понатамошна слобода и просперитет зависат од тоа“, напиша Руте во својот годишен извештај, објавен на веб-страницата на Алијансата, пренесува АП.
Во извештајот се проценува дека 22 земји, членки на НАТО ја постигнале целта за издвојување на најмалку два проценти од БДП за воениот буџет минатата година, додека Белгија, Канада, Хрватска, Италија, Луксембург, Црна Гора, Португалија, Словенија и Шпанија не го сториле тоа.
Во извештајот, Руте исто така напиша дека поддршката на НАТО за Украина останала силна во 2024 година и дека, што се однесува до иднината, членките на НАТО се обединети во својата желба за праведен и траен мир во таа земја.
Американската агенција наведува дека НАТО е во превирања од февруари, кога министерот за одбрана Пит Хегсет предупреди дека американските безбедносни приоритети лежат на друго место – во Азија и на границите на САД, додека Европа треба да се грижи за сопствената безбедност и безбедноста на Украина во иднина.