Холандската Влада во декември неподготвена го дочека одобрението од ЕУ за вакцината на „Фајзер/БиоНТек“ против коронавирусот и не можеше да започне вакцинација поради логистички проблеми, рече денеска премиерот Марк Руте.
Владата наиде на критики од пратениците кои ја обвинија дека дозволила Холандија да биде последната земја во ЕУ која ќе ги вакцинира своите граѓани.
– Европската агенција за лекови ги препорача вакцините „Фајзер/БиоНТек“ на 21 декември, а до минатата недела до Холандија беа доставени 164.000 дози вакцини. Тој број денеска веќе е 288. 000, рече Руте.
Тој пред Парламентот рече дека Холандија не е подготвена за логистика за дистрибуција на вакцината на „Фајзер“, која мора да се чува на температура од минус 70 степени.
– Главниот проблем беше што ја примивме вакцината порано отколку што очекувавме. Тоа беше различна вакцина од онаа што ја очекувавме, па затоа не беше можна флексибилност, рече премиерот Руте.