Велика Британија и ЕУ се движат кон правец да не дојде до договор за Брегзит, изјави денеска холандскиот премиер Марк Руте.
– Тоа е неприфатливо и пријателите мора да ве предупредат. Ова е реалноста, разбудете се, најдете заклучок и склучете договор, истакна Руте во Шарм ел Шеик, каде присуствува на самитот на лидерите на ЕУ и Арапската лига.
Брегзит би можел да биде одложен до 2021 година според плановите кои ги разгледуваат истакнати официјални претставници на ЕУ по зголеменото незадоволство околу начинот на кој британската премиерка Тереза Меј го води процесот, пишува весникот „Гардијан“.
Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март, но бидејќи е неизвесно дали до тогаш ќе биде постигнат договор, големи се шансите дека може да дојде до одложување од две години.