Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека Алијансата не ветила дека членството на Украина во организацијата ќе биде загарантирано со мировен договор со Русија.
„Сите во НАТО се согласија дека патот на Украина кон НАТО ќе биде неповратен. Но, никогаш не се согласивме дека членството на Украина во НАТО ќе биде загарантирано како дел од мировен договор. Но, на долг рок, НАТО алијансата кажа дека ќе постои оваа перспектива за членство во НАТО. Ова е на долг рок, а не за мировните преговори што се во тек“, нагласи Руте.
Претходно, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Украина треба да биде суверена држава кога станува збор за донесување одлуки за политички и воени сојузи и дека земјата треба да се приклучи на ЕУ, пренесува УНИАН.
Тој оцени дека пристапувањето на Украина во ЕУ ќе се случи пред членството во НАТО.