Генералниот секретар на НАТО Марк Руте повика на претпазливост во однос на очекувањата од предлогот на САД за ставање крај на војната во Украина, велејќи дека планот сè уште бара суштински преговори.

Руте за медиумската група РНД и шпанскиот весник „Ел Паис“ во изјави објавени синоќа, рече дека рамката, заеднички разгледана од Соединетите Американски Држави и Украина, нуди ветувачки елементи, но и нерешени прашања кои ќе бараат понатамошни рунди на дипломатија.

Руте, исто така, рече дека Русија претрпела големи загуби во персонал – околу 20.000 војници секој месец – додека добила малку територија.

– Околу еден милион руски војници се убиени или тешко ранети од инвазијата, рече тој, додавајќи дека при тоа Москва зазела само околу еден отсто од украинската територија оваа година и напредувала само неколку метри дневно.

Украина вчера се согласи со главните точки од мировниот план предложен од САД. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека остануваат спорни само неколку точки, а украинскиот претседател Володимир Зеленски се очекува да се сретне со него подоцна во ноември.

Вашингтон минатата недела дистрибуираше план од 28 точки кој се соочи со критики во Европа и Киев, каде што официјалните лица стравуваа дека одразува премногу руски интереси.

Преговарачите од САД, Украина и европските држави се состанаа во Женева за да го ревидираат документот, а Руте ги опиша тие сесии како продуктивни, иако само почетен чекор кон структурирани разговори меѓу САД и Украина.

фото: архива