Српскиот министер за образование, наука и технолошки развој Бранко Ружиќ изјави дека околу 5.000 деца на училишна возраст се заразени со коронавирус, што е околу 0,6 отсто и оцени дека состојбата не е алармантна, јави дописникот на МИА од Белград.

-Што се однесува до образовниот систем, сепак тврдам дека состојбата според бројките воопшто не е алармантна, но точно е дека има поголем број на заболувања кај децата и поголем број на приеми од страна на педијатрите, изјави Ружиќ за РТС.

Тој кажа дека е одржан состанок на училишниот тим, со медицинскиот дел од Кризниот штаб за мерките што можат да направат „прекин“ кога е во прашање образовниот систем.

-Вирусот влегува во образовниот систем однадвор, а не обратно, а тоа се гледа по бројки, додаде Ружиќ.

Тој посочи дека еден од моделите е воведувањето на онлајн наставата, но дека се уште не се одлучиле.

Запрашан дали очекува со продолжување на распустот да се прекине преносниот синџир на трансмисија, Ружиќ оцени дека е убеден да е тоа доволно, како и дека е точно она што го кажуваат епидемиолозите.

-Овој синџир на трансмисија не се случува во образовниот систем, се случува кај општата популација надвор од образовниот систем, но секако овој прекин ќе помогне, како и примената на ковид пропусниците, да се искористи на најдобар можен начин и да се видат ефектите од тоа воведување во однос на зголемувањето на бројот на вакцинирани, истакна Ружиќ.

На прашањето како да се влијае на родителите кои не пријавуваат дека нивните деца се заразени, Ружиќ кажа дека на секој начин се обидуваат да допрат до нив.

-Мислам дека ако има такви родители тоа не е предмет на работа на Министерството за образование. Мое лично мислење е дека ваквото неодговорно однесување навистина заслужува санкција, а ние не ги санкционираме родителите, потенцира Ружиќ.