Нашата визија е едноставна, чесна работа, економски силна Малешевија и достоинствен живот за секој. И тоа не се празни зборови. Тоа е детален план со конкретни проекти. Проекти кои произлегоа од разговорите со вас, рече кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Берово, Петар Ружински.

На денешниот народен митинг во Берово, во рамките на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ за избори кои ќе се одржат на 19 октомври во недела, Ружински ја претстави програмата со која ја бара поддршката на граѓаните.

Посочи дека првиот темел на програмата е современа инфраструктура, и за таа цел ќе се уреди влезот во Берово, за да се стави крај на урбаниот хаос, ќе се донесе нов Генерален и Детален урбанистички план.

-Вториот темел е економски раст и можности за младите. Ќе го претвориме заборавениот бизнис инкубатор во модерен младински Хаб (HUB), место каде нашите млади ќе создаваат бизниси и ќе ја градат својата иднина тука, дома! Ќе го издигнеме туризмот на светско ниво. Ќе изградиме градски базен, ќе ги уредиме спортските терени, ќе ја зачуваме нашата природа и сето ова ќе го направиме со силна поддршка од централната власт. Таа поддршка не е празен збор, таа е реалност. Еве, пред некој ден, со министерот за култура ја потврдивме веста, Владата обезбеди 90 милиони денари за реконструкција на нашата киносала“, рече Ружински.

Тоа е разликата, додаде тој, ние испорачуваме дела, а не само зборови и дека програмата е амбициозна, но остварлива.

– Цетувам чесна, посветена и пред сè, транспарентна работа. Преку дигитализација, секој од вас ќе знае каде оди секој денар од општинскиот буџет. Општината ќе биде сервис кој работи за вас. Мојата сила доаѓа од вас. Од секој човек што вечерва е тука. Од секој збор на поддршка, од секое ракување на чаршијата. Затоа, на 19-ти октомври, изборот е јасен. Изборот е помеѓу минатото и иднината. Изборот е помеѓу празни зборови и реални дела. Ве повикувам да излезете масовно и да го заокружите бројот 9! За Берово во кое младите ќе остануваат! За Берово на кое сите ќе бидеме горди! За нашата заедничка победа“, порача кандидатот за градоначалник, Ружински.