Саудиска Арабија денеска соопшти дека воведува парични казни за 19 прекршоци поврзани со јавниот морал, како што е несоодветно облекување и јавно изразување наклонетост, еден ден откако објави дека ќе биде отворена за странските туристи.
Одлуката на Министерството за внатрешни работи следи по воведувањето визни олеснувања кои им овозможуваат на туристите од 49 земји да ја посетат една од најзатворените земји во светот. Досега, повеќето посетители биле муслимански верници и деловни луѓе.
Правилата наведени на новата веб-страница за пополнување барање за визи вклучуваат фрлање ѓубре на непредвидени места, плукање, прескокнување редови, фотографирање и снимање видеа на луѓе без дозвола и пуштање музика за време на молитва. Казните се движат од 50 риали (13 долари) до 6.000 риали (1.600 долари).
– Новите правила имаат за цел да овозможат посетителите и туристите во кралството да бидат свесни и да го почитуваат законот што се однесува на јавното однесување, се наведува во соопштението на Владата.
Во него се додава дека саудиската полиција е единствено одговорна за надгледување на прекршоците и изрекување казни.
Алкохолот се уште е забранет, а исто така не е познато дали ќе им биде дозволено на невенчаните странски мажи и жени да бидат во иста соба.
Меѓутоа, укината е забраната за возење жени, како и јавната забава, вклучувајќи ги и некогаш забранетите кина. Многу ресторани и кафулиња ги отстраниле физичките бариери што ги делат половите и повеќе не престануваат да им служат на клиентите за време на молитвата.
Некои жени сега носат шарена абаја или воопшто не ја носат. Абајата е лабава наметка што се носи над облеката и вообичаено е црна.
Престолонаследникот Мухамед бин Салман лани рече дека во Саудиска Арабија не треба жените да носат абаја доколку се пристојни облечени.
Тој сака да ја диверзифицира економијата затоа што не сака неговата земја за приходите толку многу да се потпира на нафтата.