Буџетскиот оддел на САД испратил допис до Пентагон за „задршка“ на воената помош за Киев 90 миниту по телефонскиот разговор меѓу претседателот Доналд Трамп и неговиот украински колега Володомир Зеленски.
Американските медиуми синоќа објавија доверливи електронски писма на администрацијата, добиени од организацијата „Центар за јавен интегритет“, која се занимава со новинарски истражувања.
Дописот до Пентагон е потпишан од Мајкл Дафи, претставник на административно-буџетскиот оддел на САД.
Во изјава за новинарите, Чак Шумер, лидер на малцинството во Сенатот, синоќа изјави дека ова е уште еден доказ дека импичментот против Трамп е правилно решение.
Претходно, весникот „Вашингтон пост“ од свои извори дозна дека Белата куќа ги убедувала демократите да ги напуштат плановите за итна воена помош за Украина. Високи официјални лица од администрацијата за тоа се заканувале со вето на претседателот, кое би ја блокирало работата на Владата.
Како што е веќе извесно, задржаната воена помош за Украина во висона од 391 милион долари, се случила паралелно со барањето на Трамп до Зеленски да спроведе истрага за неговиот политички ривал Џо Бајден, поранешен американски потпретседател и негов можен противкандидат на изборите во 2020 година .
Одлуката за задршка на воената помош за Киев, е главната причина за отповикувањето на Трамп изгласано во Претставничкиот дом на САД минатата недела. Од демократите претседателот е обвинет по два предмета – злоупотреба на власта и попречување на работата на Конгресот.
Трамп сега се соочува со судење за импичмент, кое на почетокот на 2020 година треба да се оддржи во Сенатот на САД. Меѓу другите сведоци повикани да сведочат на судењето се и Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност на Трамп, и Мик Молвејни, раководител на персоналот во Белата куќа. Демократите сега бараат на сослушувањата во Сенатот да се појави и Дафи.