Претседателот на САД, Џозеф Бајден, го претстави предлогот на буџетот за следната година со 6.000 милијарди долари расходи, што предвидува бројни нови програми за заштита на сиромашните и средната класа.

Реализацијата на тој план, сепак, ќе зависи од оданочувањето на корпорациите и богатите, јавија американските медиуми.

Буџетот предвидува, меѓу другото, зголемување на трошоците за развој на инфраструктурата, подобрување на образованието и борба против климатските промени. Предлогот за буџет на Бајден остро се спротивставува на републиканците, кои сакаат да ја запрат политиката на трошење на американската администрација и да ја спречат да ги зголемува даноците за побогатите граѓани и големите корпорации.

Планот за следната фискална година предвидува 6.000 милијарди долари расходи и 4.170 милијарди американски долари приходи. Трошоците се зголемија за 36,6 проценти во споредба со 2019 година.

Буџетскиот дефицит ќе биде 1,840 милијарди долари, а тој е помал во споредба со претходните две години заради пандемијата на коронавирусот, и поголем во споредба со 984 милијарди долари од 2019 година.

Буџетот предвидува и 106,2 милиони американски долари за Стејт департментот наменети за Западен Балкан, за поддршка на реформите во процесот на пристапување во ЕУ и за спротивставување на руското влијание и дезинформации.