Поширокиот центар на Вашингтон е целосно блокиран со огради, бетонски бариери и контролни пунктови, преземени се засилени безбедносни мерки во исчекување на секаков вид насилство во пресрет на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден во среда.
Националната алеја, шеталиштето што води од споменикот на Вашингтон до Капитолот е затворена. Возилата се проверуваат, улиците се блокирани, а на локалните жители вчера им се советуваше да не излегуваат од дома, поради најавениот „вооружен марш“, кој воопшто не се оддржа.
Немаше собрани групи, мали или големи, полицијата само извести за апсење на лице после полноќ, сабота спроти недела, во близина на барикадите покрај Капитолот на САД. Лицето носело нерегистриран пиштол и муниција.
Тивкото неделано попладне се дочека со олеснување во американската престолнина, каде се распоредени околу 25.000 вооружени војници, за да спречат насилство за време на инаугурацијата, во страв од слично насилство како она на 6 јануари кога толпа упадна во Конгресот.
Неделното попладне мирно помина и во неколку други главни градови на сојузните држави каде синоќа се оддржаа мали собирања и протести на поддржувачите на претседателот во заминување, Доналд Трамп.
Малите групи по десеттина лица, некои вооружени, се собраа пред државните Капитоли во Остин, Тексас; Колумбус, Охајо; Лансинг, Мичиген; Феникс, Аризона; и Салем, Орегон. И овде во центрите беа распредени вооружени војници од националната гарда, оклопни возила и специјални полициски сили, во исчекување да се реагира на секаков вид насилство во пресрет на инаугурацијата.
Експертите предупредуваат дека заканата од екстремистички напади низ САД, инспирирани од повиците на претседателот Трамп, сеуште постои и најверојатно ќе се зголеми.
Во меѓувреме, продолжуваат апсењата на учесниците во настаните на 6 јануари. На прес конференција во саботата, Федералното биро за истраги (ФБИ) ги повика сите инволвирани во нападот на Конгрест да се пријават.
-Нашата служба го впрегна сиот свој капацитет да се казнат сторителите. Каде и да сте, ќе бидете идентификувани, најдени и ќе одговарате за сторениот криминал… Не можете да побегнете, добиваме дојави од вашите пријатели, вашите роднини, вашите најблиски, изјави портпарол на ФБИ.
Според него, во бирото пристигнале над 7.500 дојави, укажувања и други докази за учесниците во толпата која го нападна Конгресот. Викендов беа уапсени најмалку четворици учесници во бунтот, а досега се обвинети над 80 лица.