САД ќе донираат 750.000 дози вакцина против коронавирус на Тајван како дел од планот за дистрибуција на вакцините во светот, изјави американската сенаторка Тами Дакворт.
Тајван се соочува со зголемен број заразени, но и со недостиг на вакцини. Земјата вакцинираше само три проценти од 23,5 милиони жители, а повеќето ја примија само првата доза на вакцината.
Дакворт истакна дека Тајван ќе добие 750.000 дози вакцина како дел од првата испорака на донации од САД.
– За САД беше од клучно значење Тајван да биде вклучен во првата група што ќе добие вакцини, затоа што ја препознаваме вашата итна потреба и го цениме нашето партнерство, рече Дакворт на прес-конференција во Тајпеј, каде е во кратка посета со колегите сенатори Ден Саливан и Кристофер Кунс.
Таа не прецизираше кои вакцини ќе се даваат на Тајван и кога.
Тајван се пожали на Кина дека се обидува да ја спречи земјата да набавува вакцини од меѓународни извори, што Пекинг го негираше.
Јапонија во Тајван во петокот бесплатно испорача 1,24 милиони дози вакцина „Астра Зенека“, што е речиси двојно поголема количина на вакцина што Тајван ја примил досега.