Американските државјани Мајкл и Питер Тејлор, татко и син, обвинети за помагање на поранешниот претседател на „Нисан Мотор“, Карлос Госн, да избега од Јапонија, денеска им беа предадени на јапонските власти, потврди нивниот адвокат за американските медиуми.

Врховниот суд на САД минатиот месец го отвори патот за екстрадицијата на ветеранот на специјалните сили на американската армија, Мајкл Тејлор, и неговиот син, Питер Тејлор, кои се обвинети дека му помогнале на Госн да избега од Јапонија, додека чекаше судење за финансиски малверазии во компанијата што ја предводеше, пренесуваат британските медиуми.

-Таткото и синот Тејлор, кои од апсењето во мај минатата година се наоѓаа во затвор во предградие на Бостон, рано утринава им беа предадени на јапонските власти, изјави нивниот адвокат Пол Кели.

Двајцата мажи од Масачусетс се обвинети дека му помогнале на Госн да избега од Јапонија на 29 декември 2019 година. Тој бил сокриен во кутија за со приватен авион да стигне до родниот Либан, земјата која нема договор за екстрадиција со Јапонија.

Обвинителите соопштија дека постариот Тејлор, 60-годишниот специјалист за приватно обезбедување, и помладиот Питер Тејлор (27) за своите услуги добиле 1,3 милиона долари.