САД значително го намалуваат бројот на противракетни системи во Саудиска Арабија и на Блискиот Исток, бидејќи вниманието на армијата е насочено кон евентуални идни предизвици со Русија и Кина.
Секретарот за одбрана Лојд Остин му нареди на командантот на Централната команда на САД, кој го надгледува регионот, да изврши повлекување во текот на ова лето со цел натамошна реорганизација, пренесува Си Ен Ен.
– Некои делови од системот и опремата ќе бидат вратени во САД поради потребното одржување и поправка, додека останатите ќе бидат прераспределени во други региони, изјави портпаролката на Пентагон, Џесика МекНолти.
Таа истакна дека одлуката е донесена во тесна координација со земјите домаќини и со јасни намери за натамошно зачувување на сите можности поврзани со безбедносните обврски на САД во регионот.
Пентагон не прецизираше во кој правец ќе бидат пренасочени трупите, а Си Ен Ен објави дека во извештајот на Волстрит журнал, според извори во американската администрација, се наведува дека оваа акција е одраз на голема промена во Министерството за одбрана со цел да ги насочи своите напори кон соочување со Кина и Русија како закани во иднина, оддалечувајќи се од судирите на Блискиот Исток.
Според извештајот, планирано е повлекување на осум ракетни батерии „Патриот“ од Ирак, Кувајт, Јордан и Саудиска Арабија, а од оваа земја се повлекува и системот ТХААД и бројот на авиони-ловци во регионот се намалува.
Преместувањето на силите од Саудиска Арабија и соседните земји доаѓа како дел од поширокото повлекување на САД во регионот, бидејќи треба да го комплетираат своето заминување од Авганистан пред 11 септември, по наредба на американскиот претседател Џо Бајден.