Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека размислува за дополнителни санкции против Русија, три дена по смртта на противникот на Кремљ, Алексеј Навални.
– Веќе имаме санкции, но во процес сме на разгледување дополнителни, им рече Бајден на новинарите во Белата куќа и повтори дека го смета рускиот претседател Владимир Путин за одговорен за смртта на Навални кој почина во петокот во затвор во рускиот Арктички круг.
Слично размислува и Германија која ќе предложи нов пакет санкции против Русија по смртта на Алексеј Навални – опозицискиот лидер и најжесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин. Најавата дојде додека во Брисел траеше средбата на вдовицата на Навални, Јулија Навални со министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ), пред кои таа имаше обраќање зад затворени врати.
„Ја видовме бруталната сила со која рускиот претседател ги репресира сопствените граѓани кои излегуваат на улиците за да демонстрираат за слобода или пишуваат за тоа во весниците. Ќе предложиме нови санкции поради смртта на Алексеј Навални“, изјави денеска германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок.
САД и Европската Унија веќе воведоа серија санкции против Москва од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.