САД и Кина денеска се договорија за првата фаза од трговскиот договор што вклучува размена на земјоделски производи, прашањето на валутите и некои аспекти на заштита на интелектуалната сопственост, со што се избегна воведување нови царински давачки.

Прелиминарниот делумен договор е голем чекор кон решавање на петнаесетмесечната трговска војна меѓу двете најголеми економии во светот, која ги погоди глобалните финансиски пазари, го наруши производството и го забави економскиот раст.

– Кина и САД се близу до крајот на трговската војна и ќе бидат потребни пет недели за да биде напишан договорот, изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите откако разговараше со кинескиот вицепремиер Лиу Хе.

Американскиот министер за финансии Стивен Мнучин им рече на новинарите дека Трамп нема да ги зголеми тарифите на 30 проценти, од претходните 25 проценти, на околу 250 милијарди американски долари  вреден кинески извоз, што требаше да стапи во сила во вторник.