Два американски воени авиони беа соборени над Иран и Персискиот Залив, соопштија во недела ирански и американски претставници, при што двајца пилоти беа спасени, а трет сè уште е исчезнат и по него трагаат силите на Техеран.
Инцидентите ги илустрираат опасностите со кои американските и израелските авиони сè уште се соочуваат над Иран и покрај тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет дека нивните сили имаат целосна контрола врз иранскиот воздушен простор.
Првиот авион, американски борбен авион Ф-15Е со две седишта, беше соборен од иранската воздушна одбрана над иранска територија, соопштија претставници од двете земји.
Вториот авион, А-10 со едно седиште, беше соборен од ирански оган и се урна во Персискиот Залив, во водите кај Кувајт, при што пилотот се катапултираше, изјавија двајца американски претставници.
Два хеликоптери „Блекхок“ вклучени во потрагата по исчезнатиот пилот беа погодени од иранските сили, но успеаја да го напуштат иранскиот воздушен простор.
Состојбата и локацијата на пилотот на борбениот авион Ф-15Е што се бараше не беа јавно познати.
Трамп изјави за „Ен-Би-Си Њуз“ дека соборувањето на американскиот воен авион нема да влијае на разговорите со Иран за завршување на војната. Од друга страна, американскиот претседател во кратко интервју за британскиот весник „Д индепендент“ изјави дека не може да коментира што ќе направи Вашингтон ако американскиот пилот исчезнат на иранска територија биде пронајден од локалните сили и повреден.
Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека пребарува област во близина на местото во југозападен Иран каде што се урна авионот на пилотот, а локалните власти ветија награда за секој што ќе зароби или убие „непријател“.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, изјави на платформата „Х“ дека војната на САД и Израел против Иран „се сведе од промена на режимот на лов на нивните пилоти“.
Иран официјално им соопшти на медијаторите во преговорите со САД дека не е подготвен да се сретне со американски претставници во пакистанскиот главен град Исламабад во наредните денови и дека Пакистан е во ќорсокак во своите обиди да овозможи прекин на огнот, напиша вчера американскиот весник „Волстрит џурнал“.
Според податоците од Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), најмалку 13 американски војници се убиени во петте недели од конфликтот, а над 300 се повредени. На самиот почеток на американско-израелската воена кампања, почина врховниот лидер на Иран – ајатолахот Али Хамнеи, кој го наследи неговиот син Моџтаба.
Израел, пак, самостојно води паралелна воена кампања во Либан против локалната шиитска група „Хезболах“, поддржана од Иран.




