Претставничкиот дом на САД синоќа изгласа двопартиска резолуција против одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на војската од Сирија. Документот го одобрија 354 конгресмени, 60 гласаа против, а четворица беа воздржани. Трамп потоа во Белата куќа ги нападна членовите кои ја критикуваа неговата одлука.
Во резолуцијата, прифатена и од 129 членови на Републиканската партија, се наведува дека „се отфрла одлуката (на Трамп) да им стави крај на неспорните обиди на САД за запирање на воената операција на Турција против силите на сириските Курди во североисточна Сирија“.
Конресмените го повикаа Трамп да ги заштити Курдите и да изработи прецизен план за уништување на терористите од „Исламска држава“.
Документот беше ставен на гласање од страна на демократот Елиот Енгл, претседател на Комисијата за надворешна политика во Преставничкиот дом, и Мајкл Маколом, високо поставен републиканец во комисијата.
Трамп потоа, на тензична средба во Белата куќа со демократски преставници од Конгресот, ја бранеше својата одлука да ја повлече војската (иако после тоа регионот се втурна во хаос), и повика да не се идеализираат Курдите, долгогодишни сојузници на САД во борба против терористите, истакнувајќи дека тие „не се ангели“, и дека регионот за САД нема толку големо значање.
Ненси Пелоси, демократски спикер на Претставничкиот дом, тој ја нарече „третокласен политичар“. Таа потоа возврати дека гласањето во Конгресот предизвикало кај Трамп „ментален слом“.
Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган на 9 октомври објави воена операција на границата со Сирија наречена „Извор на мирот“ со цел „борба против курдските милитанти и терористите од Исламска држава“. Истовремено, САД објавија повлекување на својата војска од регионот.
Вашингтон побара од Анкара да ја запре воената операција и воведе санкции против турските министерства за одбрана и енергија и нивни раководители, а и против шефот на турското МВР.