Американскиот ар-ен-би музичар Ар Кели, познат по песната „I Believe I Can Fly”, денеска беше прогласен за виновен за изнудување, секс-трговија и злоупотреба на малолетнички. Неколкумина кои го тужеа пејачот, за време на судењето детално сведочеа за тоа како тој ги подложил на изопачени и садистички каприци кога тие биле малолетни лица.
Тој, инаку, со години ја избегнуваше кривичната одговорност за бројните наводи за недолично однесување кон младите девојки и деца.
Поротата составена од седум мажи и пет жени, како што јавуваат западни медиуми, го прогласи Ар Кели за виновен по два дена разгледување на случајот. Обвиненијата беа засновани на аргументи дека менаџерите и помошниците му помогнале на пејачот „да ги запознае девојките и да ги држи послушни и тивки“, што се претворило во криминално дејствие.