Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Косово порача дека официјален Вашингтон нема никакви преференци и не поддржува ниедна партија или кандидат на косовските парламентарни избори што ќе се одржат в недела, на 6 октомвријави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на американската амбасада се нагласува дека САД го почитуваат правото и одговорноста на оние кои ќе гласаат за иднината на својата земја.

– Владата на САД не фаворизира и не поддржува ниедна партија или кандидат на изборите што ќе се одржат оваа недела. Ние ги почитуваме правото и одговорноста на гласачите во Косово да ја изберат сопствената иднина, се вели во соопштението на американската амбасада.

Реакцијата на дипломатското претставништво на САД во Приштина уследи по сооштението на Демократската партија на Косово (ПДК) на досегашниот собраниски спикер Кадри Весели, во кое се тврди дека „човек близок на (американскиот претседател) Доналд Трамп“ допатува во Приштина за да му даде поддршка на Весели за кампањата.

Станува збор за Метју Витакер, кој од ноември 2018 до февруари 2019 ја вршеше фунцијата министер за правда во американската Влада, откако неговиот претходник и дотогашен шеф, Џеф Сешенс даде оставка на барање на Трамп.

ПДК објави дека Витакер допатувал во косово за да го поддржи нејзиниот лидер Весели „во неговата борба против корупцијата и во заложбите за јакнење на партнерството со САД“.