Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден планира да ги укине санкциите против „Северен поток 2 АГ“, кој ја надгледува изградбата на рускиот гасовод „Северен поток 2“ кон Германија, како и на неговиот извршен директор, јави „Аксиос“, повикувајќи се на два извори запознаени со одлуката.
Како што забележува весникот, одлуката покажува дека администрацијата на Бајден не сака да ги загрози односите со Германија околу гасоводот и ги потенцира тешкотиите со кои се соочува Бајден во преговорите за цврст пристап кон Русија.
Американскиот Стејт департмент наскоро ќе испрати до Конгресот список на организации вклучени во изградбата на „Северен поток 2“, што мора да бидат санкционирани. Извори запознати со извештајот за Аксиос изјавија дека Стејт департментот планира да повика на воведување санкции против неколку руски бродови.
Според медиумот, Северен поток 2 АГ и нејзиниот шеф Матијас Варниг, поранешен источногермански разузнавач близок до рускиот претседател Владимир Путин, се вклучени во активности кои бараат санкции, „но Стејт департментот ќе се откаже од нив, воден од националните интереси на САД“.
Потегот на администрацијата на Бајден, продолжува Аксиос, создава чудна ситуација во која САД ќе воведат санкции за бродовите вклучени во проектот, но ќе ги укинат санкциите против компанијата што е всушност одговорна за проектот.
Изворите велат дека единствениот начин да се запре проектот, кој 95 проценти е готов, е да се воведат санкции за крајните корисници на гас во Германија, но администрацијата на Бајден не сака да ги прекине врските со Германија поради „Северен поток 2“.