Соединетите Американски Држави не се согласуваат со заклучокот на организацијата за човекови права Амнести интернешнал дека Израел врши геноцид врз Палестинците во војната во Газа, соопшти денеска Стејт департментот.

Заменик портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, на редовниот брифинг им рече на новинарите дека САД продолжуваат да ги сметаат наводите за геноцид во Газа како неосновани, откако организацијата за човекови права со седиште во Лондон Амнести интернешнал во извештајот во четвртокот рече дека Израел извршил геноцид врз Палестинците во Газа.

Стејт департментот на САД ги оцени тие обвинувања како „неосновани“.

„Ние не се согласуваме со заклучоците од таквиот извештај и продолжуваме да веруваме дека наводите за геноцид се неосновани“, рече Ведант Пател.

Амнести интернешнал: Војската намерно предизвика страдање и уништување

Амнести интернешнал го обвини Израел за геноцид врз Палестинците во Појасот Газа во извештајот објавен во четвртокот, велејќи дека израелската војска намерно извршила воени злосторства.

Организацијата за човекови права, во извештај од 300 страници, наведе дека за време на израелската офанзива, армијата намерно им донела страдање и уништување на луѓето што живеат во Газа.

„Нашите наоди мора да послужат како повик за будење до меѓународната заедница: ова е геноцид. Мора веднаш да престане“, рече во изјавата генералниот секретар на Амнести Интернешнл Ањес Каламар.

Израел постојано ги отфрла ваквите обвинувања, нарекувајќи ги своите дејствија одбранбени и повикувајќи се на своето право на самоодбрана.

„Целта на Израел е да ги уништи Палестинците“

Амнести сепак нагласи дека Израел има за цел да ги уништи Палестинците.

Исто така, посочи дека земјите кои продолжуваат да му доставуваат оружје на Израел ја прекршуваат својата обврска да спречат геноцид и ризикуваат да станат соучесници.

Сите земји кои имаат влијание врз Израел, особено клучните добавувачи на оружје, како што се САД и Германија, но и другите земји-членки на ЕУ, Велика Британија и други, мора да дејствуваат веднаш за веднаш да ги прекинат злосторствата на Израел против Палестинците во Газа“, соопшти организацијата, повикувајќи на итен крај на геноцидот, воспоставување примирје и ослободување на сите заложници.