Во САД денеска се одбележува ден на Мартин Лутер Кинг, борец за граѓански и човекови права кој пред 52 години беше убиен во атентат во Мемфис.

Овој ден се одбележува по повод раѓањето на Кинг, роден е на 15 јануари 1929 година, но во негова чест Американците го слават секој трет понеделник во јануари.

На споменикот на Кинг во Вашингтон, секој година се положува венец со свежи цвеќиња, овојпат најавено е венец да положи високо официјално лице од американската администрација.

Легендарниот говор на Мартин Лутер Кинг од 29 август 1963 година почнува со познатите зборови „имам сон“.

– Имам сон дека еден ден четирите мои деца ќе живеат во земја која нема да ги дели според бојата на кожата, туку по тоа што тие претставуваат, кажа тогаш Кинг.

Овој говор ја раздвижи земјата, со тоа што проблемите со човековите права на афроамериканците и економската нееднаквост меѓу белците и црномурестото население ги постави во прв план во сите подоцнежни јавни дискусии во американското општество.

Помина повеќе од половина век од убиството на Кинг но САД во меѓувреме направија многу во однос на еднаквоста и подобрувањето на меѓурасните односи.

Експертите сметаат дека проблеми, сепак, се уште има.

Во моментот на убиството, Кинг повикуваше запирање на економската нееднаквост. Токму тогаш во Мемфис, се одржуваше штрајк на работниците во санитарните служби кои бараа покачување на минималецот.

Според Грег Кар, раководител на афроамериканските студии во Харвард, се проценува дека во просек во Америка белите семејства заработуваат многу повеќе од црните.

– На секој долар кој што во просек влегува во белите домаќинства во САД, во домаќинствата на црномурестото население просечно влегуваат 10 центи, тоа значи дека благосостојбата на белците во земјата е десетпати поголема од онаа на црномурестите, изјави Кар.

На церемонијата во чест на Кинг лани учествуваа претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс, кои поставија венци на споменикот на славниот американски борец за граѓански и човекови права.

МИА