САД одобриле плановите за напади врз цели во Ирак и Сирија, а нападите ќе бидат изведени во текот на неколку дена, објави телевизијата Си-Би-Ес, повикувајќи се на свои извори.
Претседателот Џо Бајден изјави во вторникот дека одлучил каков ќе биде одговорот на нападот со беспилотно летало во североисточниот дел на Јордан, во кој загинаа тројца американски војници, а повеќе од 40 беа ранети. Според Вашингтон, нападот го извршиле борци поддржани од Иран. Тоа е најсмртоносниот напад врз американските војници од почетокот на војната во Појасот Газа на 7 октомври.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во понеделникот рече дека мерките за одговор „може да бидат повеќеслојни, етапни и продолжени со текот на времето“.
Си-Би-Ес не објави повеќе детали во врска со информациите за нападите подготвени од САД врз цели во Ирак и Сирија.