Мерката за носење заштитни маски во авиони и друг јавен превоз во САД, со цел да се спречи ширење на коронавирусот, ќе остане во сила до 13 септември, објавија американските медиуми.
Мерката, воведена на 1 февруари, требаше да биде укината на 11 мај. Дарби Лахој, вршител на должност шеф на Агенцијата за безбедност во сообраќајот (ТСА), вчера ја објави одлуката, велејќи дека маските остануваат важна алатка во борба против пандемијата, и покрај фактот дека околу половина од возрасните во САД биле вакцинирани.
Правилото наложува луѓето да носат маски на сите транспортни мрежи во САД, што вклучува аеродроми, автобуси и возови. Децата под две годишна возраст и лицата со одредени болести се изземени од обврската.
Паричните казни за непочитување на мерките започнуваат од 250 американски долари и можат да достигнат до 1.500 долари за повеќекратни прекршувања.
Повеќе од 100 милиони Американци ги примиле двете дози на вакцина против коронавирусот, соопшти денеска Белата куќа.
Шефот на Кризниот штаб во Белата куќа, Џеф Зиентс, изјави дека 100 милиони Американци сега се чувствуваат полесно и помирно, знаејќи дека се заштитени од вирусот по долга и тешка година.
– Тие знаат дека одлуката за вакцинирање не ги штити само нив, туку и нивните семејства, пријатели и заедницата, нагласи Зиентис.
Белата куќа наведува дека најмалку 220 милиони Американци добиле барем една доза од вакцина против Ковид-19.