По Србија која со убедлива победа ја елиминира Литванија, познат е и вториот полуфиналист на Светското првенство во кошарка.
Во Манила Американците ги декласираа Италијанците со 100-63 и влегоа во најдобрите четири репрезентации.
Најголемиот фаворит за освојување на златото со половина сила веќе имаше 10 поени предност до крајот на првата четвртина и +22 на полувремето (46-24).
Стив Кер и неговите помошници очигледно им порачаа на играчите во соблекувалната дека нема опуштање, па во третата четвртина се засилија и ја завршија приказната со 37 нови кошеви, наспроти 20 италијански, а последната четвртина беше само рутина. Американците на крајот застанаа токму на „стотката“.
Најдобар поединец на натпреварот беше Микал Бриџис со 24 поени и седум скока, со одличен шут за тројки (4/6), а зад линијата за три фантастичен беше и Тајрис Халибартон кој погоди шест од осум тројки.
Кај Италијанците најмногу се истакна крилото на Јута Џез, Симоне Фонтекио со 18 поени.
По дебаклот во Кина во 2019 година, Американците сакаат дома да го донесат победничкиот пехар, а следен противник ќе им биде Германија или Летонија (среда, 10:45).
Во четвртото четвртфинале, веројатно највозбудливото, ќе се сретнат Словенија и Канада (среда, 14:30 часот).