САД повторно го продолжија рокот за завршување на преговорите за продажба на странските средства на рускиот нафтен гигант „Лукоил“ продолжувајќи ја општата дозвола за компаниите да го подготват теренот за склучување на договорот до крајот на февруари.
САД ја продолжија дозволата првпат на почетокот на декември поставувајќи го 17 јануари како краен рок за потпишување договорите за продажба со „Лукоил“.
Рокот за склучување трансакции со меѓународната мрежа на бензински пумпи на „Лукоил“ е продолжен од страна на Канцеларијата за контрола на странските средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД до почетокот на декември до 28 април оваа година.
Во вчера објавената одлука OFAC забележува дека ќе „ги оцени сите понуди за купување на „Лукоил интернешнл“ врз основа на фактори што ги поддржуваат целите на националната безбедност и надворешната политика на САД“.
Американското зелено светло за понудите ќе биде условено, меѓу другото, со прекинување на сите врски на „Лукоил интернешнл“ со матичната руска компанија и депонирање на средствата што му се должат на „Лукоил“ на сметка во рамките на американска јурисдикција до укинување на санкциите, пренесуваат руските медиуми.
Санкциите против „Лукоил“ и „Роснефт“ беа воведени од американското Министерство за финансии кон крајот на октомври минатата година со образложение дека сака да го ограничи буџетскиот капацитет на Русија за финансирање на војната во Украина.
Неколку дена подоцна „Лукоил“ објави дека има намера да ги продаде своите странски средства потврдувајќи дека прифатил понуда од швајцарскиот мултинационален трговец со суровини „Гунвор“.
На почетокот на ноември „Гунвор“ ја повлече понудата откога Вашингтон сигнализира дека нема намера да му додели лиценца за бизнис.
Меѓународната филијала на „Лукоил“, со седиште во Виена, поседува рафинерии во Бугарија, Романија и во Холандија, акции во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет и во Нигерија, како и мрежа на бензински пумпи во 20 земји, вклучувајќи ги Хрватска и САД.
Вредноста на меѓународните средства на рускиот нафтен гигант се проценува на речиси 22 милијарди долари, објавија британските медиуми.
Според извори и медиумски извештаи, голем број компании изразиле интерес за купување на средствата на „Лукоил“, вклучувајќи ги американските нафтени гиганти „Шеврон“ и „Ексон мобил“ и инвестициската фирма „Карлајл“, како и „Националната нафтена компанија Абу Даби“ и конгломератот „Интернешнл холдинг компани“ од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Според неименувани извори, и унгарски МОЛ исто така искажал интерес за купување првенствено на рафинерии и бензински пумпи на „Лукоил“ во Европа, како и за удели во наоѓалишта во Казахстан и Азербејџан.




