САД вратија нафтени и финансиски санкции спрема Иран, значително зголемувајќи го притисокот врз Tехеран да прекине со своите наводни програми за балистички ракети и нуклеарно оружје. Санкциите беа укинати во 2015 година по потпишување мултилатералниот договор, а Техеран најави дека ќе ги крши и ќе продолжи да продава нафта.
– Америка сакаше да ја сведе продажбата на иранска нафта на нула… но, ние ќе продолжиме да продаваме нафта… да ги кршиме санкциите, изјави иранскиот претседател Хасан Рохани.
Американските санкции се однесуваат на транспортниот, финансискиот и енергетскиот сектор на Иран, а тоа е втор пакет санкции откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од Договорот во мај годинава.
Со санкциите на САД ќе се казнуваат и државите кои ќе продолжат да увезуваат иранска нафта, како и странските компании кои соработуваат со ирански фирми од така наречената црна листа. Засега, осум неименувани држави ќе бидат изземени и ќе им се овозможи привремен увоз на иранска нафта без американски санкции.
Санкциите ќе важат се додека Иран не престане да го поддржува тероризмот, се повлече од Сирија и целосно ја укине Програмата за развој на нуклеарно оружје и балистички ракети.