Комитетот за правда на Претставничкиот дом синоќа изгласа дека државниот правобранител Вилијам Бар е одговорен за непочитување на Конгресот со одбивањето да сведочи пред тоа тело во врска со извештајот на специјалниот советник Роберт Малер за руската вмешаност во изборите на САД.
Правните експерти во САД велат дека со ова земјата навлегува во уставна криза затоа што извршната власт не ги почитува законските налози и надлежности на законодавната власт.
Според многумина лидери на Демократската партија, главен виновник за кризата е претседателот Доналд Трамп поради нарушување на основните норми на фунционирање на власта од страна на поединци од неговата администрација, како Вилијам Бар, и кризата може да биде разрешена само со негов импичмет или отстранување од власт на избори.
Во меѓувреме, претседателот на Комитетот за разузнавање при Претставничкиот дом, демократот Адам Шиф, издаде налог до Министерството за правда за увид во целосниот текст на извештајот на Малер. Иако Белата куќа вчера се повика на претседателска надлежност противејќи се да го предаде целосниот извештај, и забрани поранешниот адвокат на Белата куќа, Дон Мекган, да изнесува документи пред Конгресот поврзани со извештајот на Малер.
Политичката конфоронтација помеѓу администрацијата и демократските опоненти продолжува. Демократите во Конгресот бараат увид во цензурираните делови на извештајот од кои ќе се дознае целата слика за тоа колку и како Трамп ја попречувал правдата за време на истрагата, што беше констатирано во самиот извештај.
Оттука ќе се донесе заклучок дали Трамп треба да биде отповикан од должноста претседател.
-Заклетвата за назначување на оваа функција ја положивма пред буквата на законот – Уставот на САД, дека ќе ги почитуваме законите на оваа земја, а не да го штитиме Трамп. Барам од ова тело да започне процедура за импичмент на Трамп, повика синоќа пред Сенатот, Елизбет Ворен, сенаторка од Масачусетс.
Други демократи сметаат дека импичмент е мошне долготрајна процедура и дека таквиот развој на настаните би одел во прилог на Трамп, кој би се претставил како жртва пред своите гласачи со шанси за победа на изборите во ноември 2020 година.