Речиси 500 милиони долари се трошоците за ангажирање на околу 26.000 припадници на Националната гарда за обезбедување на Капитол во периодот околу 6 јануари, кога се случи насилниот упад во Конгресот.

Припадниците на Националната гарда пристигнаа од сите 50 држави и четири територии, додека агенциите за безбедност се обидоа да го обезбедат Капитол за инаугурацијата на претседателот Џозеф Бајден.

Тие беа ангажирани во Вашингтон за да го блокираат сообраќајот и да ги заштитат конгресмените и важните објекти.

Официјални лица, кои сакаа да останат анонимни, бидејќи не беа овластени да даваат изјави, велат за американски медиуми дека бројката од 500 милиони долари ги вклучува трошоците за транспорт на припадниците на Националната гарда од нивните држави во Вашингтон, нивните плати, бенефиции, сместување и здравствена заштита.

Тие пари се очекува да ги покријат трошоците на припадниците на гардата до средината на март, кога треба да се повлечат од Вашингтон.

Националната гарда беше ангажирана по наредба на федералната влада, а Министерството за внатрешна безбедност издаде предупредување за тероризам поради можно насилство.