Републиканците во американскиот Сенат денеска го претставија својот предлог за инвестиции во инфраструктурата, кој предвидува 928 милијарди долари за ревитализација на патиштата, мостовите и широкопојасните мрежи, што е значително помалку од последниот предлог на претседателот Џо Бајден.

Планот на шест републиканци, предводени од сенаторката Шели Мур Капито, е контра-предлог на планот на Белата куќа од минатата недела.

Белата куќа предложи инвестиција од 1,7 илјади милијарди долари, што е за над 500 милијарди долари помалку од првичниот предлог на Бајден, кој предвидуваше 2,25 илјади милијарди долари.

Бајден ги намали предвидените средства за да добие двопартиска поддршка во Конгресот.

– Републиканските сенатори продолжуваат да преговараат со добра волја, рече Капито на прес-конференција. „Постои голема желба за двопартиска поддршка во американскиот Сенат“, додаде таа.

Републиканските сенатори предлагаат 506 милијарди долари за патишта, мостови и други големи проекти, со дополнителни 98 милијарди долари за јавен превоз. Ова е зголемување од 257 милијарди долари, во споредба со постојните планови.

Белата куќа сè уште не одговори на предлогот, но нејзината портпаролка вчера порача дека администрацијата е против идејата за пренаменување на веќе одобрени средства.