Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) истражува смрт на жена од Орегон и хоспитализација на друга жена во Тексас, откако примиле вакцина против Ковид-19 на Џонсон и Џонсон, соопштија здравствените власти.
Советниците на ЦДЦ треба денеска да се состанат за да разговараат дали е безбедно да се продолжи со употребата на вакцината на Џонсон и Џонсон, која се дава во една доза, додека високите здравствени службеници се подготвуваат да дадат зелено светло за вакцината.
– Важно е да се запамети дека само затоа што нешто е пријавено, не мора да значи дека е предизвикано или поврзано со вакцината, рече Имелда Гарсија од здравствената агенција во Тексас, јави весникот „Остин Американ-Стејтсмен“.
ЦДЦ го извести Орегон за случајот во вторникот, а Тексас во средата, соопштија здравствените власти од тие држави.
Жената од Орегон, на околу 50 години, примила Џонсон и Џонсон пред да биде паузирана употребата на вакцината, соопшти државниот здравствен орган. Таа развила „редок, но тежок тромб во рок од две недели по вакцинирањето“, забележан во комбинација со многу ниски тромбоцити, соопшти Управата за здравство во Орегон (ОХА), додавајќи дека истрагата сè уште е во тек.
Жената од Тексас, која ја примила иста вакцина, била хоспитализирана поради слични симптоми како и шест лица во САД, кои неодамна имале згрутчување на крвта, изјави портпаролот на здравствената агенција во Тексас.
Двете држави потврдија дека новите случаи се одвоени од претходните шест.
Американските здравствени агенции минатата недела препорачаа да се прекине употребата на вакцината на Џонсон и Џонсон поради шест ретки случаи на згрутчување на крвта меѓу приближно седум милиони луѓе кои ја примиле вакцината.
Европската агенција за лекови (ЕМА) во вторникот соопшти дека постои можна врска меѓу вакцината на Џонсон и Џонсон и ретките згрутчување на крвта кај возрасните кои примиле вакцина во САД, но додаде дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците.