САД потврдија дека оваа недела се одржани директни контакти со руски претставници за да се постигне меѓусебно разбирање за можниот пат кон мир во Украина. Ова го изјави американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за „Фокс њуз“.
„Имавме целосен разговор со нив во понеделник или вторник. Не стануваше збор лично за претседателот Путин, туку за некои од неговите клучни доверливи луѓе“, рече Рубио, нагласувајќи дека Вашингтон продолжува да комуницира со Москва и покрај недостатокот на конкретни резултати.
Како што рече, САД сè уште не виделе никаков вистински напредок во своите напори за дипломатски крај на конфликтот. Иако се бара основа за „нов и поинаков пристап“ кон решавање на украинската криза, Рубио признава дека процесот е далеку од каков било договор.
Според извештаите на светските медиуми, разговорите се одржале на високо ниво, но без учество на самите лидери на земјите.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп значително го скрати рокот за Русија да ја покаже својата подготвеност за мировни преговори – од првичните 50 на само 10 до 12 дена. Трамп, како што објави АП, јасно стави до знаење дека во спротивно Русија ќе биде изложена на дополнителен пакет санкции и економски мерки.
Во интервјуто, Рубио ја исклучи можноста за директен вооружен конфликт меѓу САД и Русија, нагласувајќи дека таквото сценарио би било апсолутно неодговорно со оглед на тоа што се вклучени двете најголеми нуклеарни сили во светот.
„Тоа би бил невиден глобален ризик. Затоа инсистираме на дипломатија, без разлика колку е тешка и бавна“, рече Рубио.
Службениците во Вашингтон не открија детали за содржината на разговорите, но дипломатските кругови шпекулираат дека се разгледуваат неколку опции – од привремено прекин на огнот до можен модел на политичко транзициско решение во одредени региони на Украина.
Меѓународната заедница продолжува да врши притисок врз двете страни да се вратат на преговарачката маса, но како што стојат работите во моментов, мирот е сè уште далеку.