САД силно ги осудуваат дејствијата на Владата на Косово за насилен пристап до општинските згради на северот на Косово, дејствија што ги презедоа против советите на САД и европските партнери на Косово. Тоа се нагласува во пораката на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„Тие акции остро и непотребно ги ескалираа тензиите, поткопувајќи ги нашите напори да помогнеме во нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и ќе имаат последици за нашите билатерални односи со Косово. Го повикуваме премиерот Албин Курти да го смени курсот и сите страни да се воздржат од какви било понатамошни дејства што ќе ги разгорат тензиите и ќе промовираат конфликти“.
Европската унија остро ги осудува судирите во кои учествуваа косовската полиција и демонстрантите на северот на Косово, иницирани од обидот на новоизбраните градоначалници да влезат во општинските згради, соопшти ЕУ.
– Силно изразуваме жалење за нападите врз патролите на цивилната мисија на ЕУ на Косово, Еулекс. На Еулекс мора да му се дозволи мирно да го спроведува својот мандат, се вели во пишаната изјава на Петер Стано, главниот портпарол за надворешна политика и безбедност на Унијата.
Kosovo: 🇪🇺 strongly condemns clashes in the north, deplores attacks on @EULEXKosovo patrols. Everyone has to take action to de-escalate & restore calm. EU will not accept any further unilateral, provocative actions. https://t.co/UGAUSC35Wc
— Peter Stano (@ExtSpoxEU) May 26, 2023
Според ЕУ, сите страни треба да преземат акции за деескалација на тензичната ситуација и веднаш да се врати смиреноста. ЕУ нагласува дека нема да прифати никакви дополнителни еднострани или провокативни дејствија, а приоритет треба да бидат зачувување на мирот, а безбедноста на теренот.
– Како што ЕУ постојано наведува, неодамнешните дополнителни избори на северот на Косово не нудат долгорочно политичко решение за вклучените општини. Таквото решение може да се најде само преку вистински дијалог меѓу сите клучни чинители, кои ги вклучуваат Косово, Србија и заедницата на косовските Срби, со посредство на ЕУ, се вели во соопштението.