Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека ќе го промени своето постојано жителство од Њујорк во Палм Бич, на Флорида, бидејќи односот кон него во родниот град бил „многу лош“, јавија американските медиуми.
„Моето семејство и јас Палм Бич, на Флорида, ќе го направиме нашето постојано живеалиште“, напиша Трамп на Твитер.
„ Го почитувам Њујорк и луѓето од Њујорк и секогаш тоа ќе го правам, но, за жал, и покрај фактот дека што секоја година плаќам милиони долари за градски, државни и локални даноци, кон мене се однесуваа многу лошо, како политичките лидери на градот, така и на државата”, напиша тој и додаде дека „малкумина биле третирани полошо од него”.
Според напис во „Њујорк Тајмс“, Трамп, кој е роден њујоркчанец, и неговата сопруга Меланија, во септември поднеле посебни изјави за промена на жителството, менувајќи ја адресата од Менхетн со Палм Бич.
„Њујорк Тајмс“, исто така, напиша дека од Белата куќа одбила да коментира зошто Трамп ја менува својата адреса на живеење, но цитира извор близок до претседателот, кој кажува дека тоа е главно заради даночни цели.
Освен Белата куќа, главната резиденција на Трамп во иднина ќе биде летувалиштето Мар-а-Лаго, каде Трамп откако стана претседател минал 99 дена, споредено со само 20-те дена во неговата претходна резиденција во „Трамп Тауер“, напиша „Њујорк Тајмс“.
„Не сакав да ја донесам ваквата одлука, но на крајот тоа ќе е најдобро за сите заинтересирани”, напиша уште Трамп на Твитер.
Њујорк „секогаш ќе има специјално место во моето срце!”, дополни тој.
Но, Њујорк не секогаш го сакал Трамп, забележуваат агенциите и потсетуваат дека демонстрациите пред „Трамп Тауер“ се чести и претседателот многу пати спорел и влегувал во конфликт со градското и државното раководство. Последниот ваков случај беше на почетокот на минатиот месец кога федерален сидија од Њујорк го отфрли неговото барање да се блокира пристапот до неговите лични и корпоративни даночни изјави за последните неколку години.
Раководството на Њујорк, се чини, дека е целосно согласно со неговата одлука, оценувајќи дека Трамп донел правилна одлука. Гувернерот Ендрју Куомо на Твитер напиша : „Добро што се ослободивме од него. Доналд Трамп и така или воопшто не плаќаше даноци тука“.