Новоизбраниот претседател Џо Бајден деновиве треба да ги објави имињата на повеќе носители на важни функции во неговиот кабинет задолжени за надворешна политика и безбедност, објави синоќа Политико.
Повикувајќи се на извори запознати со распределбата на должностите, изданието наведува дека важните позиции ќе припаднат на имиња познати од времето на администрацијата на претседателот Барак Обама.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, на позицијата помошник државен секретар задолжен за политички работи стапува Викторија Нуланд, која за време на Обама беше потсекретар задолжен за Европа и Евроазија. Нуланд играше клучна улога во формирањето на политиката на САД кон Европа. Експертите велат дека со нејзиното враќање во Стејт департментот, Вашингтон дава тежина на односите со Европа и сојузниците, разнишани во изминатите четири години со егоцентричната политика на досегашниот претседател Доналд Трамп.
Нуланд исто така водеше цврста линија и кон Русија и ги поддржуваше прозападните сили во Украина, Грузија и Молдавија. Во Северна Македонија таа е позната по учеството во Пржинските договори во 2015 година, за формирање широка коалициска влада.
Другите носители на функции за кои дознава Политико се оние на Венди Шерман и Џон Фајнер. Шерман ќе му биде заменик на кандидатот на должноста државен секретар Тони Блинкен. За време на Обама, таа беше потсекретар за политички работи и главен преговарач во преговорите за нуклеарниот договор со Иран.
Фајнер, пак, ќе биде заменик на советникот за национална безбедност на Бајден. Фајнер е поранешен новинар кој при Обама служел на повеќе позиции, од кои највисоки се пишувач на говори за надворешна политика и советник на Блинкен, тогашен заменик на советникот за национална безбедност.