Американскиот весник „Њујорк тајмс“ денеска објави опширна репортажа во која го обвинува вториот човек на демократската партија Кит Елисон за насилство врз неговата поранешна девојка.
Елисон стана познат по тоа што во 2006 година беше првиот муслиман избран во Конгресот на САД, а од 2017 година е заменик претседавач со Демократскиот национален комитет што е националната организација на Демократската партија, и со тоа е задолжен за координирање на партиските активности во пресрет на конгресните избори на 6 ноември. Елисон беше обвинет од страна на неговата поранешна девојка Керен Монахан, еколошка активистка со која стапил во врска во 2015 година. Монахан вели дека Елисон бил болно љубоморен и дека најмалку во еден случај физички ја нападнал, влечкајќи ја низ собата. Уште една поранешна девојка на Елисон, Ејми Александер, вели дека поранешниот конгресмен во љубоморен напад кршел предмети во нејзиниот дом.
Неговата сегашна девојка и една од ќерките кои живеат со Елисон го бранат од обвинувањата. Покрај партиските активности, Елисон се кандидира и за јавен обвинител на Минесота. Тој е вториот истакнат демократски политичар од Минесота кој годинава се соочува со вакви обвинувања – поранешниот комичар Ал Франкен кој беше сенатор од Минесота мораше да поднесе оставка откако излегоа фотографии во кои недолично допира колешка за градите.