Соединетите Американски Држави денеска воведоа нови санкции против компании, менувачници и финансиски посредници за кои Вашингтон тврди дека му помогнале на Иран тајно да префрли стотици милиони долари преку меѓународниот финансиски систем.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека купувањето иранска нафта од страна на таканаречените „чајник-рафинерии“, односно помали независни рафинерии, претставува главен економски извор на средства за иранскиот режим.

– Купувањето иранска нафта од страна на независните рафинерии ја обезбедува главната економска животна линија за иранскиот режим, водечкиот државен спонзор на тероризмот во светот, изјави Бесент.

Во одделно соопштение, портпаролот на Стејт департментот Томи Пигот наведе дека целта на мерките е да се „прекинат финансиските извори што ја одржуваат иранската владејачка елита“.

Според него, Техеран преку овие мрежи имал пристап до приходите од продажбата на нафта и ги заобиколувал санкциите воведени за ограничување на неговите, како што оцени, дестабилизирачки активности, при што средствата биле пренасочувани и прикривани преку фиктивни компании.