Властите на САД го обвинија рускиот банкар Олег Тинков, поранешен државјанин на САД, за затајување данок откако сокрил дека поседува имот вреден милијарда долари.
Тинков е сопственик на познатата руска банка „Тинкоф“. Минатата недела тој беше задржан во Лондон и пуштен да се брани од слобода под кауција во висина од 20 милиони долари. Според обвиненито објавено на сајтот на американското Министерство за правда, доколку биде осуден, банкарот се соочува со казна затвор од шест години.
Тинков беше државјанин на САД од 1996 година и речиси шест години живел во земјата. Во 2013 година тој се откажал од државјанството само неколку денови откако неговата компанија “Ти-си-ес груп“, која управува со „Тинкоф“ банка, спроведила првично јавно надавање за излез на берзата. Според резултатите од надавањето, на Лондонската берза банката била оценета три милијарди и 200 милиони долари, додека вредноста на имотот на Тинков достигнала една милијарда.
Пред да се откаже од државанството бизнисменот требал да плати данок. Според обвинението, тој ја намалил вредноста на својот имот за десеттина пати. Во даночната декларација укажал дека заработил помалку од 206.000 долари и дека неговот имот вреди 300.000 долари, иако во банката имал удел од милијарда долари.
Доколку биде осуден, Тинков може да добие шест години затвор и треба да плати 500.000 долари казна. Исто така, треба да ги плати и неплатените даноци. Засега, тој е во куќен притвор во Лондон, властите му ги одзеле двата пасоша, кипарски и руски, италијанската лична карта, и треба да се јавува во полиција. Тој е постојано набљудуван каде се движи со помош на елетронска алка.
Банката „Тинкоф“ е меѓу дваесетте најголеми банки во Русија. Активите на банката се во висина од 600 милијарди рубљи, и таа една од најголемите кредитори во Русија. Според „Форбс“, основачот на банката моментално поседува две милијарди и 200 милиони долари.